Димитриевски: Никогаш нема да се изјаснам за нешто што ќе го дерогира мојот мајчин јазик

 

Никогаш нема да се изјаснам за нешто што ќе го дерогира мојот мајчин јазик и најмалку ќе дозволам Македонија да наликува на биетничка држава, а не на мултиетничко општество, рече вечерва претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски.

Во гостувањето на „Аргумент плус“, Димитриевски напомена дека каква и да биде, одлуката на Уставниот суд за Законот за јазиците ќе мора да се почитува.

-Должни сме да ја почитуваме одлуката на Уставниот суд, без разлика дали ќе ни се допаѓа или не. Оваа коалиција што владее сега никогаш нема да дозволи да се оштетат правата на едните во однос на другите. Со примерот во Куманово тоа го покажуваме на дело. На Советот на општината се зборува на сите јазици на етничките заедници кои се застапени, но македонскиот јазик е прв како што се први македонскиот грб и македонското знаме. Во мојот Кабинет стојат сите знамиња, на сите етнички заедници, но македонското, државното, е најголемо, нагласи Димитриевски.

На прашањето дали различниот став за државниот грб го оддалечил од коалицијата, Димитриевски одговори кусо – „не“. Според него, врските во коалицијата и принципиелните односи никогаш не биле посилни. Како што напомена, секој предлог е вреден за дискусија, но земјава има грб што ги отсликува реалноста, географската, историската и етничката поставеност.

-Грбот е колорит на се што претставува Македонија во мало. Ние пред извесен период излеговме со иницијатива за донесување национална платформа. Ако денес ја отворите, ќе видите во членот 5 дека една од главните точки е токму неменувањето на државните симболи и обележја, вклучувајќи ги знамето, грбот и химната зашто тоа за нас е затворена тема. Сметаме дека треба да се посветиме на други, многу постратешки работи – развој на економијата, подобрување на животниот стандард, странски инвестиции, истакна претседателот на ЗНАМ.

Во однос на локалните избори, јавноста до крајот на мај ќе знае дали Димитриевски ќе се кандидира за градоначалник. ЗНАМ, како што рече, ќе оди со свои независни кандидатски листи за советници, ќе има и носители на листи, а ќе ги понуди надобрите кандидати. Со ВМРО-ДПМНЕ ќе почне преговори за тоа каде би ги поддржале заемно кандидатите, на едната или другата партија, а каков ќе биде епилогот ќе соопштат заедно со премиерот Мицкоски.

Прашан за националната платформа што ја предложи ЗНАМ, Димитриевски напомена дека беше поднесена до политичките парти, а не до Владата.

-Ќе работиме на тоа платформата да биде прифатена и нема да отстапиме, но тоа е процес што ќе трае подолг временски период, истакна Димитриевски.

14.03.2025 - 20:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега