Девет години од поплавите во Гази Баба: Градоначалникот Стефковски најави поставување спомен-плоча

 


Денес се навршуваат девет години од големите поплави кои ја погодија општина Гази Баба во 2016 година.

По повод одбележувањето на годишнината, градоначалникот Стефковски преку социјалните мрежи се обрати до граѓаните.

Денес, со длабоко чувство на тага, почит и солидарност, се сеќаваме на 6 август 2016 година – денот кој засекогаш го обележа нашето колективно сеќавање.

Поминаа 9 години од големата трагедија која ги погоди Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто и другите делови од нашата општина. Тоа беа моменти на страв, болка и загуба, кои засекогаш ги променија животите на многумина.

На тој ден, природата ја покажа својата суровост, но човечноста блесна посилно од се. Семејства изгубија најблиски, домови беа уништени, срца беа скршени.

Денес се сеќаваме на нашите сограѓани кои ги загубија животите – тие се во нашите мисли и молитви. Нивната загуба е и наша загуба. Нивниот спомен е светол пламен кој нема да згасне.

Поминаа девет години, но раните од тие моменти се уште болат. Затоа, како градоначалник на општина Гази Баба, верувам дека имаме морална обврска да ги чуваме спомените живи и да оставиме траен белег на колективното паметење. – пишува Стефковски.

Следната година општина Гази Баба ќе одбележи 50 години од своето постоење и 10 години од поплавите во таа чест градоначалникот Стефковски најави отпочнување постапка за откривање на спомен плоча.

Следната година, 2026, ќе одбележиме 50 години од постоењето на нашата општина – половина век историја, развој и заедништво. Но истовремено, тоа ќе биде и 10 години од трагичните поплави. Токму затоа, ќе започнам иницијатива за поставување на спомен-плоча, како симбол на сеќавање и почит.

Оваа спомен-плоча ќе биде вечен паметник – не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста кои ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние кои не се меѓу нас.

Сакам да ги повикам сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива – затоа што ова не е само обврска на општината, туку на сите нас како луѓе. Да покажеме дека не забораваме, дека знаеме да почитуваме и дека од болката умееме да создадеме сила. – заклучи Стефковски.

06.08.2025 - 10:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега