Даути: Изгласаната интерпелација значи мое разрешување под диктат на Левица и ВМРО
Пратеничката на Алијансата за Албанците дел од „Европски фронт“, Илире Даути во пишана изјава до медиумите нагласува дека изгласаната интерпелација минатиот петок поднесена од Левица според донесениот заклучок значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
-Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме, вели Даути.
Интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што, како што образложија, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Даути во петокот во своето излагање оцени дека интерпелацијата за неа е неоснована.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши и денеска како и претходниот петок преку соопштение појаснија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.
-Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот, беше наведено во соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа