Данскaта премиерка до Гренланѓаните: Трамп нема да се откаже, ја имате мојата длабока почит

 


Пред доаѓањето на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и други американски претставници, данската премиерка Мете Фредериксен ги предупреди Гренланѓаните дека интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд не исчезнал и, веројатно, нема да исчезне набргу.

Фредериксен го пофали народот на Гренланд што останува цврсто и достоинствено и покрај обидите на Трамп да го присвои арктичкиот остров истакнувајќи дека останува силен американски интерес во регионот.

Во пораката објавена на социјалните мрежи Фредериксен вели: „Вниманието е големо, а притисокот огромен. Но, токму во такви моменти се покажува карактерот. Не се повлековте. Останавте верни на себе и на своите вредности. И за тоа ја имате мојата длабока почит“.

Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, со речиси 56 илјади жители, кои исто така се дански државјани. Изјавите на Трамп дека сака да го купи Гренланд, дури и со сила, ако е потребно, предизвикаа тревога во Копенхаген, кој инаку е долгогодишен сојузник на Вашингтон.

27.03.2025 - 10:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега