Дали да се забрани ТикТок по предизвикот со парацетамол: Андоновски смета дека ад-хок решенија нема да имаат ефект

 

По најновиот опасен предизвик на ТикТок со парацетамол, повторно беше поставено прашањето дали државата размислува за суспендирање на социјалната мрежа која е најпопуларна меѓу младите. Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, веќе доставено е упатство до училиштата и МОН коe што јасно објаснува кои ресурси треба да ги користат училиштата во разговор со учениците и кое однесување треба да го имаат. Втор дел од упатството се предлози на апликации кои што родителите можат да ги искористат за да забранат определени содржини за младите на нивните мобилни телефони, смарт-уреди, телевизори…

-Рама размислуваше и пред еден месец, па гледам дека се повлече од тоа размислување. Ад-хок однесувањето повеќе прави штета на функционирањето на државите отколку кон напредок. Ние имаме поразличен пристап, го видовте пристапот со онлајн-игрите на среќа. Кога ќе забележиме дека претставува проблем за поширокиот круг на граѓани, пристапуваме кон законски измени и забрана за пристапот на онлајн-игрите на среќа. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, ќе пристапиме кон забрана, но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот, во зависност од тоа каков предизвик се појавил на било која социјална мрежа, рече Андоновски на настан во општина Аеродром, посветен на безбедноста на интернет, особено кај најмладите.

Утрово беше соопштено од Клиниката за токсикологија досега нема информација дека млади пациенти биле примени по опасниот предизвик на ТикТок со земање големи дози на парацетамол.

Кон крајот на минатата година, албанскиот премиер, Еди Рама изјави дека владата одлучила да ја блокира платформата ТикТок. На средба со родителите и наставниците околу новиот план за мерки за безбедност во училиштата, тој рече дека веќе е направен план за конкретни мерки за блокирање на ТикТок.

Додаде дека ТикТок ќе биде затворен една година во Албанија, но за тоа ќе бидат потребни шест до осум недели.

10.02.2025 - 11:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега