Црногорците по своја волја и даваат оружје на полицијата

 

Во последните три дена, граѓаните на Црна Гора доброволно предале значителна количина оружје и муниција како дел од кампањата „Почитувај го животот, врати оружје“, соопшти Управата за полиција. Предадени се 19 пиштоли, 14 пушки, 496 парчиња муниција, како и повеќе делови од оружје.

Полицијата апелира до сите граѓани да го дадат својот придонес за безбедноста на општеството со предавање огнено оружје, муниција и експлозивни средства што ги поседуваат. Притоа, се нагласува дека ова може да се направи без никакви правни, кривични или прекршочни последици, без разлика дали оружјето е во легално или илегално сопствеништво.

„Ги повикуваме сограѓаните да се јават на бројот 122 или да ги информираат полициските службеници за желбата да го предадат оружјето. Важно е да напоменеме дека оружјето не треба да се носи самостојно во полициски станици,“ стои во соопштението на полицијата.

Оваа иницијатива добива дополнителна важност по трагичниот настан на 1 јануари на Цетиње, каде што животот го загубија 12 лица, меѓу кои три жени и две деца. Во инцидентот четири лица беа повредени, а напаѓачот, 45-годишниот Ацо Мартиновиќ, изврши самоубиство.

По оваа трагедија, во земјата беше прогласена тродневна жалост од 2 до 4 јануари. Кампањата „Почитувај го животот, врати оружје“ ја доби поддршката на јавноста како важен чекор кон подобрување на безбедноста и превенција од вакви трагедии.

05.01.2025 - 10:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега