Бојковска: Ребалансот на Буџетот е огледало на нашата посветеност

 

Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието, говореше за ребалансот на Буџетот за 2025 и истакна дека истиот ја отсликува стабилната и одговорна економска политика на Владата, со зголемени приходи, контролиран дефицит, рекордни инвестиции и поддршка за развоот на локалните самоуправи.

– Ребалансот на Буџетот за 2025 година е огледало на нашата економија, на нашата посветеност, визија и решеност да ја водиме Македонија напред, чекор по чекор, сигурно, стабилно и одговорно, вели Бојковска.

Бојковска истакна дека планирано е приходите да пораснат за дополнителни 3.537 милиони денари, што е раст од 8,6% од првичната проекција. Таа додаде дека овие приходи се должат на ефикасната работа на УЈП и Царинската управа.

– Двете институции бележат раст на наплатата и тоа за цели 30% во споредба со времето кога СДСМ ги водеше овие клучни институции. Наместо хаос, денес имаме ред. Наместо неизвесност, денес имаме стабилност. Наместо празна каса, денес имаме полн буџет кој овозможува реални инвестиции, рече Бојковска.

Бојковска кажа дека Владата одговорно и транспарентно го одржува буџетскиот дефицит стабилен: Ако пред 6 месеци опозицијата ширеше паника за буџетски дефицит, денес тие бројки се стабилни. Дефицитот останува на 4% од БДП. Одговорно, контролирано и со јасен план. Ова е клучната разлика меѓу оваа власт и претходната. Ние не криеме бројки, не играме со статистики, туку транспарентно работиме за подобрување на економијата, кажа Бојковска.

Во однос на капиталните инвестиции пратеничката истакна дека тие се темелот на секоја сериозна економска политика.

– За капитални инвестиции издвојуваме дополнителни 300.000 милиони денари. И тоа е клучниот показател за разликата меѓу оваа Влада и претходната. За прв пат секоја општина доби еднаков пристап за средства од државниот буџет за реализирање на капитални проекти“, кажа Бојковска.

Бојковска потсети дека претходната година беше завршена со рекордни една милијарда и 255 милиони евра странски директни инвестиции, со намера и оваа година да се продолжи истата тенденција.

– Македонија е со четврти најбрз раст на економијата во Европа. Растот на БДП за првиот квартал од годинава е 3%, а веќе трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти. Ќе се стремиме да стигнеме до 4% раст на БДП, истакна Бојковска.

03.07.2025 - 13:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега