Бизнисмени од Турција ќе инвестираат во индустриската зона во Новаци

 


Бизнисмени од општината Тире која е составен дел на турскиот град Измир ќе инвестираат во индустриската зона Новаци која на располагање нуди можност за градба на 15 фабрики од лесната индустрија.

Градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски ги информира турските бизнисмени и градоначалникот на Тире, Ајати Окуроглу дека индустриската зона е оформена и во моментов се работи на сообраќајниците на зоната.

-Со претставниците на индустриските зони во Тире имаме воспоставена соработка која е со цел да ја промовираме новата индустриска зона која во овие три години со наше залагање е во напредна фаза од изградбата. Нашата цел е да привлечеме што поголем број потенцијални инвеститори од Република Турција кои припаѓаат на лесната незагадувачка индустрија за што е фокусирана индустриската зона во Новаци. Во овие три години се вложивме во изградбата на индустриската зона, никулците се видливи, работиме на главните сообраќајници. Новата индустриска зонакоја е на површина од 20 хектари  и таа ќе ја развие економијата и квалитетот на животот на населението во Општина Новаци, а со тоа директно ќе придонесуваме за развој на Пелагонискиот регион. Во зоната може да се изградат 15 фабрики, а половина од парцелите се продадени на домашни и странски инвеститори, најголем дел од Турција, односно од Сакарија, Газиантеп, а ќе има и од Измир, истакна градоначалникот Стевановски.

Во изјава за медиумите, градоначалникот на Општина Тире, Ајати  Окуроглу посочи дека очекува со градоначалникот Стевановски наскоро да пресечат лента во индустриската зона.

-Презадоволен сум што сум во Општина Новаци. Тука сум со делегација од најголемата бизнис комора. Гледаме дека во Општина Новаци има потенцијал за земјоделски развој и затоа во најкус рок како градоначалници сакаме токму тука да пресечеме лента, истакна градоначалникот Ајати.

На средбата со градоначалниците и претставници на бизнис секторот од пелагонискиот регион учествуваше и Метин Акташ, потпретседател на најголемата комора во егејскиот дел на Турција, како и менаџер на 8 фабрики во индустриската зона во Тире.

-Нашата посета ја реализираме со бизнисмени од повеќе различни сектори почнувајќи од градежниот до земјоделскиот сектор. Нашето искуство сакаме да го донесеме тука и да го правиме тоа што го правиме во нашата земја. Новаци и градоначалникот Стевановски брзо реагираат, нема пречки за инвестиции и задоволни сме од нивната љубезност, истакна Акташ.

Турската трговска делегација претпладнево ја посети и Општина Битола каде беа информирани за можностите што ги нуди градот и индустриската зона „Жабени“, а попладне гостите од Тире и Измир ќе го посетат битолскиот Музеј и спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк.

28.05.2025 - 14:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега