Битолчани ќе пливаат во нов базен

 

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски заедно со Министерот за спорт Борко Ристовски, при денешната посета на локацијата каде што треба да биде изграден затворениот базен во Битола, најавија дека базенот наскоро ќе биде завршен.

„Подготовките веќе се одвиваат на големо. Веќе од следната недела ќе се почне со интензивно продолжување на работата за завршување на базенот. Во договор со градоначалникот и општината, договоривме надзорот да го превземе општината и веќе наредната недела ќе имаме и надзор и ќе можеме официјално да ја продолжиме изградбата на овој базен во Битола, нешто што многу ги интересира битолчани, а беше пред 4 години почнато и ветено, дојде редот ние да го завршиме да го надминеме застојот кој беше изминатите години, но најважно од се е дека од страна на оваа Влада и градоначалникот на Битола, најдовме заеднички јазик, има волја и желба да го завршиме и конечно сите оние базени кои што се почнати, а не се завршени, до крајот на летото ќе ги ставиме во употреба, од што краен бенефит ќе имаат и граѓаните на Битола и граѓаните во сите градови каде што се започнати“, рече министерот за спорт, Борко Ристовски.

Во однос на техничките карактеристики, беше посочено дека објектот е наменет пред се за детска популација, за обука, едукација, пливачки и спасувачки школи кои ќе се едуцираат, но и за граѓанството. После завршувањето на изградбата општината ќе го превземе во сопственост базенот, а најголем бенефит се очекува да има училиштето Даме Груев, во чиј двор се наоѓа овој објект.

Градоначалникот Коњановски, нагласи дека во Битола, никогаш не се вложувало повеќе во спортот, потенцирајќи ги проектите кои ќе следуваат за изградба на спортски игралишта и училишни спортски сали.

Министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посетија и другите две локации, каде наскоро ќе се реализираат два нови проекти, за кои општината ја обезбеди проектната документација, а Владата одобри финансиски средства. Станува збор за проектите за изградба на центар за спорт и рекреативни активности – боксерска сала и санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“.

12.03.2025 - 17:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега