Батинци: Татко и два сина претепале маж по расправија со дете
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица – татко и син, осомничени за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. За истиот настан поведена е постапка и против еден малолетник согласно Законот за правда за децата.
Таткото на возраст од 41 година, заедно со синовите од кои едниот на возраст од 18 години, а другиот 15-годишно дете, дошле пред семејната куќа на еден оштетен во селото Батинци и започнале да му се закануваат, поради претходна расправија на оштетениот со детето. Во еден момент, почнале да го удираат со клоци и тупаници по главата и целото тело, од кои удари оштетениот паднал на земја. Додека лежел на земјата, детето го удирало и со камен, па оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – фрактури и други тешки повреди во главата и телото.
Сопругата на оштетениот паднала врз него за да го заштити од дополнителни удари, а притрчале и нивните деца и соседите. Со дејствијата на насилство, малтретирање, грубо навредување и загрозување на сигурноста, осомничените предизвикале чувство на несигурност и страв и кај членовите на семејството на оштетениот и во јавноста.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за полнолетните сторители.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа