Бајден: Ги ослабевме Русија и Кина а не влеговме во војна

 

Една недела пред да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Бајден, во редок говор во Стејт департментот, ја пофали поддршката на неговата администрација за Украина во одбраната од руската инвазија и за Израел во војните на Блискиот Исток.

Бајден рече дека САД „победуваат во глобалната трка“ и дека Кина нема да ја престигне економски како што беше предвидено, додека Русија и Иран се ослабени од војните во кои САД директно не учествуваа.

„Во споредба со пред четири години, Америка е посилна, нашите сојузи се посилни, а нашите противници и конкуренти се послаби. Ние не влеговме во војна за да го постигнеме тоа“, рече Бајден.

Додека војните продолжуваат да беснеат во Украина и на Блискиот Исток, властите се надеваат дека ќе биде постигнат договор меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас пред да замине Бајден и Трамп да се врати во Белата куќа на 20 јануари.

Бајден рече дека преговарачите се блиску до постигнување договор со кој ќе се ослободат заложниците на Хамас во Појасот Газа и ќе се запрат борбите во палестинската енклава за да се овозможи проток на хуманитарна помош.

„Толку многу невини луѓе се убиени, толку многу заедници се уништени. Палестинскиот народ заслужува мир“, рече тој.

Бајден се соочи со критики за испраќање оружје и за обезбедување дипломатска поддршка на Израел за време на офанзивата во Газа, откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250, според израелските податоци.

Повеќе од 46.000 луѓе се убиени во Газа од почетокот на војната, според палестинските здравствени власти, додека голем дел од енклавата е уништен, а поголемиот дел од населението е раселено.

Демонстрантите во понеделникот го пречекаа Бајден пред Стејт департментот со извици „воен злосторник“. Некои носеа транспаренти, а некои фрлаа црвена течност слична на крв.

Бајден рече дека му помогнал на Израел да ги победи своите противници – Хамас во Газа и Хезболах во Либан, кои се поддржани од Иран. Тој, исто така, ја пофали американската поддршка за Израел за време на двата ирански напади во 2024 година.

„На крајот на краиштата, Иран е послаб отколку што беше со децении. Нема сомнеж дека нашите акции значително придонесоа за тоа“, додаде Бајден, истакнувајќи го падот на владата на Асад во Сирија.

14.01.2025 - 10:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега