Азизи: Одобрени 829 проекти од околу 15 милијарди денари за патишта, училишта, градинки
На вчерашата владина 88. седница, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставиле предлог-одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.
Владината портпаролка, Венера Љатифи Азизи информира дека оваа потпрограма претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Потенцира дека во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства: Министерството за транспорт - над 8 милијарди денари, Министерството за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари, Министерството за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари, Министерството за култура и туризам - 622 милиони денари, Министерството за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари, Министерството за спорт - 544 милиони денари.
-Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата. Преку оваа поддршка ќе се реализираат проекти за изградба и реконструкција на: локални патишта и улици; водоводни и канализациски системи, училишта, градинки и спортски сали; базени и јавна инфраструктура од суштинско значење. Интересот како за првиот повик, така и за вториот беше исклучително голем, нагласи Љатифи Азизи.
Воедно, владината портпаролка потсетува дека во рамки на првиот јавен повик биле доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација.
-Ова е уште еден историски чекор во јакнење на локалната самоуправа – процес кој е и ќе остане еден од темелите на развојната политика на оваа Влада. Ги градиме темелите на промените, за твоето време кое доаѓа, потенцира владината портпаролка, Венера Љатифи Азизи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа