АТС Груп и МКЕ потпишаа меморандум за соработка во одбранбената индустрија
АТС Груп - единствената македонска компанија од одбранбената индустрија попладнево потпиша меморандум за соработка со МКЕ - најголема државна компанија од индустријата на Турција.
Меморандумот го потпишаа Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ, и Шефшет Демировски – сопственик и извршен директор на АТС Груп.
Како што истакнаа потписниците на меморандумот, со оваа соработка ќе се поттикнат активностите на двете компании и ќе се зголеми нивното присуство на меѓународниот пазар, особено во Турција и Северна Македонија.
Соработката вклучува трансфер на технологија, техничко знаење и експертиза за производството и подобрување на производствените капацитети, модернизација на производни линии, подобрување на извозните можности, заеднички истражувања за зголемување на извозниот потенцијал на меѓународните пазари, обука и техничка помош, развој на програми за обука и подобрување на техничка експертиза.
Исто така, меморандумот ќе опфати и заедничко вложување и отворање нова фабрика за производство на барут во Северна Македонија со заеднички инвестиции на двете страни што ќе овозможи отворање на нови работни места.
На настанот присуствуваа министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса.
Муцунски истакна дека целта на меморандумот е да воспостави рамка за соработка и решенија за одбранбената индустрија, вклучувајќи стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија. Како што рече, партнерството на двете компании е од големо значење за државата како членка на НАТО.
Потпишувањето не е само деловна одлука, рече Муцунски, туку силна порака за доверба во нашите индустриски капацитети и признание за кадровскиот потенцијал.
Заменик-министерот за национална одбрана на Турција Хеибет Муса искажа задоволство од потпишувањето на меморандумот „кој е стратешки чекор што дополнително ќе ги зајакне односите на двете сојузнички и пријателски земји“.
Како што рече, не само што претставува документ за техничко партнерство, туку и доказ за пријателство и доверба меѓу Македонија и Турција. Од се срце верувам, рече тој, дека нашата соработка ќе придонесе кон целите за одржлив развој и дека договорот ќе биде корисен а нашите две земји и за целиот регион.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа