Апсења на повеќе локации во Македонија

 


Полицијата во текот на вчерашниот и денешниот ден апсеше на повеќе локации на територијата на Македонија.

Денеска  во 00.20 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје, со судска наредба, извршиле претрес во дом и други простории на И.Ј.(26) и Ф.Ј. (24) од Скопје. Во домот бил затекнат Ф.Ј.(24), а при претресот, под седиштето на мотоцикл, кој бил во подрумот, биле пронајдени и одземени околу еден килограм марихуана и дигитална вага.

Ф.Ј. е лишен од слобода и задржан за понатамошна постапка, а се преземаат мерки за пронаоѓање на И.Ј.. Известен е јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 11.02.2025 во 12.00 часот на улица „29 Ноември“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле А.З.(47) од Тетово, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор од две години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

На 11.02.2025 во 12.50 часот на улица „Браќа Миладинови“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле М.П.(52) од с.Мала Речица, тетовско, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор од две години за сторено кривично дело по член 300 став 4, а во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик. Тој бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 12.02.2025 во 03.00 часот во с.Добридол, гостиварско, полициски службеници од Полициското одделение Галате ги лишиле од слобода А.Ј.(30) и А.М.(24), двајцата од с.Добридол. При преглед кај нив и во патничко возило „рено“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.Ј., а А.М. бил сопатник, кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка и ризла. Тие биле задржани во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 11.02.2025 во 11.15 часот во с.Долно Палчиште, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово ја привеле Ф.Ј.(22) од с.Добарце, тетовско, со престој во Тетово, која била барана по централна и меѓународна потерница за издржување на казна затвор од шест месеци за сторено кривично дело по член 216 став 2 од Кривичниот законик. Таа била спроведена во Казнено – поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.

На 11.02.2025 во 17.00 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишиле од слобода А.М.(27) од Кочани. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 11.02.2025 во 16.20 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ја лишиле од слобода Ч.Ч.М.М.(31) од Австралија затоа што кај неа биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка со остатоци од марихуана и семки. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 11.02.2025 во 22.40 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ја лишиле од слобода Ѓ.С.(37) од Скопје затоа што кај неа била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 11.02.2025 во 18.20 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле М.Ф.(48) од Кавадарци, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување казна затвор во Казнено - поправна установа Затвор Гевгелија. Лицето било спроведено во установата за здржување на казната.

На 11.02.2025 во 21.40 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле Е.П.(38) од Кавадарци, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување казна затвор во Казнено - поправна установа Затвор Гевгелија. Лицето било спроведено во установата за издржување на казната.

На 11.02.2025 во 14.45 часот на автопатот Табановце – Куманово, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север го лишиле од слобода С.Н.(42) од Сирија затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил предаден на полициски службеници во СВР Куманово, по што ќе биде спроведен во Транзитниот центар во Табановце, каде и претходно престојувал.  

Денеска (12.02.2025) во 00.30 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.А.(27) од Скопје затоа што кај него бил пронајден и одземен нож. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

12.02.2025 - 12:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега