Апасиев: Гаши да не подлегне на притисоци и да ја одржи расправата за аерозагадувањето
На денешната прес-конференција, лидерот и пратеник од Левица, Димитар Апасиев, по однос на саботажата која ја приредуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ на надзорната расправа во врска со аерозагадувањето во Македонија, истакна сомнеж дека се работи за бизнис-релации:
„Зад овој каприц и блокада на вака важна тема, се сомневаме дека стојат коруптивни интереси затоа што за прв пат се поканети претставници на Цементара кои во својство на сведоци ќе треба да одговараат за отпадот кој тие го согоруваат. Бидејќи тие фигурираат и како донатори кај градоначалниците на ДПМНЕ, се сомневаме дека стојат бизнис-релации позади опструкцијата на оваа расправа“ – истакна Апасиев.
„Како Претседател на Постојаната анкетна комисија, која е единствена уставно предвидена Комисија, сакам да укажам на опструкциите, т.е. на саботажата на процесот којшто е досега невиден, а којшто се прави од страна на пратениците од ДПМНЕ и ЗНАМ.
Добив допис од претседателот Африм Гаши дека 20 пратеници побарале од мене да свикам надзорна расправа за аерозагадувањето и моја деловничка и службена должност е по тоа да постапам. Така и направив и веќе сме во процес на канење на 40 гости од коишто: премиерот и двајца министри, 11 претставници на јавни органи, 6 градоначалници, 4 експерти и професори, 8 еко-активисти, 4 истражувачки новинари и тројца од приватниот сектор“ – објасни пратеникот од Левица.
„Апелирам до спикерот Гаши, бидејќи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесува незадолжително мислење, да не го послуша вчерашното мислење на Комисијата, бидејќи тоа не е автентично толкување, и да не постапи по нивното мислење, односно, да не го опструира овој процес затоа што ќе се соочи со правни постапки.
Прво би побарале заштита од Уставниот суд за спречување на политичко дејствување во Собранието, за што веќе има преседан. Потоа ќе бараме поништување на ова мислење од страна на ДКСК затоа што има судир на интереси кај претседателот и гласач, а тоа е Миле Лефков. И на крај ќе поднесеме и кривична пријава за спречување на службено лице во вршење на службено дејствие, затоа што ова што јас морам да го спроведам (надзорната расправа) е моја законска и деловничка обврска, а не само право. Апелирам уште еднаш до спикерот Гаши да не се дрзнува под никакви услови да посегнува кон поништување на легален процес на закажување на надзорна расправа, каде што чекор по чекор се запазени сите процедурални чекори и активности“ – предупреди лидерот на политичката партија Левица.
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, истакна дека бојкотот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ е неочекуван и за нив: „Наидуваме на секакви бојкоти, па дури и за вакви теми за коишто покажуваме пристап на добра волја и отвореност да поканиме кого сакаат и да ја одржиме оваа расправа која е од суштинско значење“ – кажа тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа