Андоновски на Дигиталниот самит во Гдањск: Дигиталните вештини се инфраструктура и движечка сила на БДП

 


Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски учествуваше на министерскиот панел на високо ниво на Дигиталниот самит во Гдањск, стратешки настан организиран во рамки на полското претседателство со Советот на Европската Унија, во соработка со Европската комисија, соопшти неговиот кабинет.

На панелот „Skills Gap – Ensuring ICT Talent Development“ се дискутираше за една од најгорливите теми во дигитална Европа – недостигот на ИКТ талент и потребата од системска изградба на дигитални вештини. На панелот учествуваа и високи претставници од Европската унија, вклучувајќи ја министерката за правда и дигитализација на Естонија Лииса-Ли Пакоста, директорката на Европската фондација за обука Пилви Торсти, извршниот директор на Synerise Јарослав Крулевски, и министерот Андоновски од Македонија.

Министерот Андоновски во своето излагање истакна дека „во дигиталната економија, вештините не се само образовна тема – тие се инфраструктура, продуктивност и БДП“.

Тој ги претстави конкретните иницијативи на Македонија, како што се проектот за дигиталниот иновациски хаб INNOFEIT EDIH, како основа за градење вештини во јавниот и приватниот сектор, но и соработката со приватниот сектор и меѓународните организации во изградбата на клучните национални платформи, како што се порталот за електронски услуги, националната платформа за интероперабилност, Централниот регистар на население, итн. 

Дигиталниот талент не почнува со диплома - почнува во училница, додаде Андоновски, нагласувајќи ја потребата од вклучување на кодирање, критичко размислување и безбедност на интернет уште во основното образование, нешто на што Министерството веќе активно работи.

- Европа не може да си дозволи да ги остави дигиталните вештини на случајност. А ние како мали земји, не можеме да градиме дигитални институции без луѓето што ги движат, заврши Андоновски во своето обраќање.

Со учество на министри, високи претставници од ЕУ, приватниот сектор и академијата, самитот во Гдањск претставува една од највлијателните дигитални платформи за стратешки дијалог во 2025 година. На панелот обраќање имаше и вицепремиерот на Полска, Гавковски, министри од Европската унија, директорот на Дигитална Европа, претставници на Европската комисија, лидери од тек секторот и невладините организации, се вели во соопштението од кабинетотна министерот Андоновски.

17.06.2025 - 16:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега