115 години од раѓањето на Мајка Тереза - светицата на бедните

 

Мајка Тереза, еден од најзначајните ликови на XX век додека беше жива ја почитуваа многу луѓе ширум светот, од обични луѓе до лидери на водечките светски сили, државници, славни личности, хуманитарци, а најмногу оние кои веруваа дека може да се помогне да се победи бедата, гладта, сиромаштијата и болеста.

Особено се цени нејзината идеја за основање на католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута со над 5 илјади сестри вклучени во околу 600 мисии за помош, со школи, народни кујни, прифатилишта и болници за сиромашни, гладни и оставени во 133 држави во светот.

Родена е како Гонџа Агнеза, во Скопје, 1910 година, во време кога градот бил под Отоманското царство, во албанско-римокатоличко семејство како трето дете на семејството Бојаџиу, покрај сестрата Ага (1904) и братот Лазар (1907). Се смета дека татко и Никола бил припадник на влашката заедница. Ден по раѓањето, на 27 август, е крстена во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и тој ден се смета за нејзин роден ден. Името Гонџа значи пупка или цвет со розова боја.

Според едни записи, татко и Никола бил трговец, а по други аптекарски помошник. Бил почитуван, сакан и современ човек кој во тоа време ги школувал сите свои деца. Мајка и Дранафила, била домаќинка, исклучително побожна жена. Помагала со задоволство секому, а вратата од куќата на семејството Бојаџиу постојано била ширум отворена. Според спомените што ги раскажувал братот на Гонџе, Лазар, фамилијата Бојаџиу потекнувала од Призрен, а мајката и таткото им биле родени во Скопје. Карактеристично за нејзината фамилија било тоа што имало многу мешани бракови.

Гонџа растела опкружена со љубов и гледала како чувствата несебично се споделуваат со другите, заедно со материјалните добра затоа што нејзините родители биле луѓе со широко срце, кои на сиромашните им делеле храна, облека, пари…

Во тоа време Скопје бил развиен трговски центар, мултикултурна и мултирелигска средина. Научила да комуницира со сите, и со оние кои се различни и по јазикот, и по културата, и по верата, и по погледите кон светот. Токму низ тие спротиставности и разлики таа учела дека само љубовта ги намалува разликите и љубовта е таа која дава шанса и можности и во тие различности сите да се чувствуваат добро.

Забележано е дека младата Гонџа била жива, темпераментна и енергична девојка, ведра, насмеана и дружељубива. Пожртвувана, скромна, а сепак толку одлучна и силна, што било контраст на нејзината кревка физичка природа. И  исклучително хумана. Била многу ангажирана околу црковната заедница “Срце Исусово“, пеела во хорот како сопран, играла во црковниот и градскиот театар, рецитирала, пишувала поезија, свирела на мандолина и се почесто сонувала да стане – часна сестра.

Во овој сплет на околности, посветеност кон Исус и вродено милосрдие, останување без татко на само осум години, било логично и очекувано, иако првично болно за мајка и, но и за роднините и пријателите, на 18 години завршената гимназијалка да замине од дома. Прво во Ирска, од каде стасува во Калкута, Индија, да служи на најсиромашниот меѓу сиромашните и да се дарува љубов на оние на кои им е љубовта потребна. Изборот за Ирска и специфичниот религиозен ред од сестрите на Лорето кој организирал мисионерски училишта во Индија бил по совет дека е тоа патот по кој таа може да ја исполни својата амбиција и фактот дека ирската секција била една од најдобрите женски верски заедници.

26.08.2025 - 09:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега