Трамп не се откажува: Гренланд мора да биде наш
Откако се врати на власт во јануари, Доналд Трамп постојано повторуваше дека Соединетите Американски Држави мора да ја преземат контролата врз Гренланд, не исклучувајќи ја можноста за употреба на сила за да се постигне таа цел.
„Потребен ни е Гренланд за меѓународна безбедност. Ни треба. Мора да го имаме. Мразам да го кажам, но едноставно мораме да го имаме“, рече Трамп во интервју за подкастерот Винс Кољанезе.
Гренланд, кој се стреми кон независност од Данска, е богат со неискористени резерви на минерали и нафта. Нејзината стратешка позиција меѓу Северна Америка и Европа го прави клучна област во времето на растечката геополитичка трка меѓу САД, Кина и Русија за доминација над Арктикот.
На прашањето дали мисли дека народот на Гренланд е подготвен да стане дел од САД, Трамп рече дека не е сигурен. „Мораме да ги убедиме. И мора да ја имаме таа територија, бидејќи без неа не можеме соодветно да одбраниме голем дел од светот, не само Америка“, рече американскиот претседател.
Изјавите на Трамп предизвикаа реакција кај данската премиерка Мета Фредериксен, која се огласи на социјалните мрежи.
„Не смееме да имаме илузии – интересот на претседателот Трамп за Гренланд не исчезнува. Тие знаат дека Гренланд не е на продажба. Тие знаат дека Гренланд не сака да биде дел од САД“, напиша Фредериксен на Фејсбук.
Изјавите на Трамп доаѓаат во време кога американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се подготвува да ја посети американската воена база на Гренланд.
Иако гренландските власти со години нагласуваат дека не сакаат да бидат дел од Данска или САД, според анкетите, мнозинството граѓани поддржуваат целосна независност, но не и приклучување кон Вашингтон. По изборите одржани на 11 март, Гренланд моментално има преодна влада, додека политичките партии се уште преговараат за формирање нова коалициска влада.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа