Денеска не заборавајте да го направите ова - за Свети Атанасиј се врзуваат овие легенди и обичаи
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 јануари.
Денеска е Св. Атанасиј Велики и Кирил Александриски.
Свети Атанасиј се роди во Александрија. Во младоста стекна солидно образование. Уште како млад, неговата ревност ја забележа архиепископот Александар, па кога потпорасна го зеде за свој личен секретар. Кога Александар се упокои на александриската катедра беше избран Атанасиј. Свети Атанасиј неколку пати беше прогонуван оттаму од еретиците и неколку пати се враќаше на катедрата. Крајот на животот сепак го помина во својата црква во Александрија. Се упокои во 373 година. Денес се слави заедно со свети Кирил Александриски (петтиот век), зашто и двајцата александријци во свое време излегоа во заштита на православието против аријанството и против несторијанството.
Во некои места останала зачувана приказната за тоа како ѓаволот го искушувал Свети Атанасиј претворајќи се во најубавата девојка која го мамела да се откаже од Бога и да ѝ се придружи во обожавање на ѓаволот.
Свети Атанасиј ја замолил девојката да му ја покаже ѓаволската моќ така што ќе скокне во мал ѓуп. Таа го сторила тоа, а монахот веднаш го затворил садот и го фрлил во море. Легендата вели дека ќупот со години пловел, се додека не го пронашле рибари кои го отвориле.
Така ѓаволот повторно излегол и денес лута низ светот искушувајќи луѓе.
Поради ова, старите велат дека кога ќе загрми, ѓаволот мисли дека доаѓа Свети Атансиј и веднаш скока во садовите.
Затоа денес се верува дека садовите треба да се чуваат цврсто затворени.
Роден во Александрија во 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар, и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Символот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, свети Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидијски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватните куќи, по пустините. На двапати бегаше во Рим. Едвај недолго пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како светиот Атанасиј. Но, неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа