Ѓорчев: Регулација на коритото на реката Вардар за спречување поплави
Низа проекти за жителите на тетовско и полошкиот регион најави носителот на шестата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев при посетата на Лешок. Како еден од најклучните проекти ја истакна регулацијата на коритото на реката Вардар во должина од 7 километри со што би биле спречени евентуални поплави.
-За овој тетовски регион, како и за целиот полошки регион имаме предвидено неколку проекти. Во основното училиште во Јагуновце предвидуваме нова спортска сала, но исто така и целосна реконструкција односно нов асфалт на повеќе регионални и локални патишта, што во голема мерка ќе го олесни движењето, истакна Ѓорчев.
Во должина од 7 километри, додаде тој, ќе имаме регулација на коритото на реката Вардар, особено важен проект со кој ќе ги спречиме идните поплави, а за олеснување на работата на земјоделците тука ќе отвориме подрачна единица на Министерството за земјоделство со цел да се олесни работата на земјоделците.
-Има доста земјоделци и на тој начин ќе можеме и да ги реализираме новите дополнителни субвенции коишто ги планираме. Важно е да се истакне дека досега соодносот држава-земјоделец беше 50:50 за набавка на земјоделска механизација, а отсега државата ќе покрива 60 проценти во набавката, истото важи и за осигурувањето, досега беше 50:50, сега ќе биде 60:40. Тоа се нови позитивни новости на коишто ако ги надоврземе оние другите како пораст на минимналната и просечната плата, отворање на нови работни места и нови директни инвестиции, ќе дојде до позитивни движења во локалната економија, посочи Ѓорчев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа