Груевски: На 11 декември народот ќе гласа ПРОТИВ кризата, и ЗА просперитетна Македонија
На овие избори секој носи многу важна одлука. Прво, ова е одлука за тебе. За секој од вас. За тоа кој ке ти овозможи подобар живот на тебе и на твоето семејство. Кој има подобра програма со конкретни мерки, програма која е реална, и нуди решенија на твоите секојдневни проблеми и за која знаете дека со сигурност ќе ја реализира. И второ, овие избори се и еден вид на друга одлука. Одлука за Македонија. За Македонија која не потклекнува пред уцени и не потклекнува на сценарија кои и ги изготвиле некои, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во Кавадарци.
Тој посочи дека Македонија е силна и нема да дозволи да ја држат под постојана тензија, да ја редефинираат и променат на полошо, или пак да си поигруваат со неа и со извесноста на нејзината иднина, со нејзиниот суверенитет и со нејзината државност.
– Македонија која сака да оди напред верувајки во сопствените капацитети и во сопствените вредности. Македонија во која живее горд и достоинствен народ, кој е мудар и многу добро знае да препознае што се случуваше сиот изминат период. И народ кој никој не смее да го потценува. Силата на нашиот народ ни даваше и нам сила да истраеме да издржиме и да бидеме подобри, убедени дека народот знае каква иднина за себе посакува, и кој може таква иднина да му обезбеди. Иднина на развиена економија, на подобар стандард, на нови работни места, на фокусирање и решавање на реалните проблеми на луѓето. Затоа што суштината и смислата на делувањето на сите политичари е подобар живот за луѓето, изнаоѓање работни места, како што ние изнајдовме со Дрексел Мајер, кој вработи над 5.600 луѓе, наоѓање на можности за луѓето и решавање на нивните проблеми, подобра економија и се она што може да и помогне на татковината и на граѓаните. Ние знаеме кои се очекувањата од нас. Веруваме во тебе и веруваме во Македонија. Тука сме да ги штитиме вашите интереси, да ги штитиме интересите на државата. Време е Македонија да продолжи да оди напред! Доста беше криза! Доста ја влечеа државата надолу! Време е да се остави конфликтноста и поделеноста зад нас и да продолжиме напред со силно темпо, порача Груевски.
Заради сето ова, додаде тој, заради нашата верба во вас, заради вашата љубов кон Македонија и вашиот избор за тоа кој може да направи повеќе за вас и вашето семејство.
-И со кого ќе бидете посигурни дека нема да ве изневери и да ве излаже, знаеш што е подобро за тебеи за твоето семејство, знаеш што е подобро за Македонија, знаете што е подобро за Македонија, и на 11 декември сите вие знам дека ќе го кажете тоа и ќе изберете Влада која ќе ја води земјата напред во нови успеси, заклучи Никола Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа