Изборната кампања стартува утре - Кодекс за фер и демократски избори
Во пресрет на утрешниот почеток на кампањата за предвремените избори за пратеници на 11 декември, коалициите и политичките партии денеска треба да потпишат Кодекс со кој ќе се обврзат за фер и демократски изборен процес.
Државната изборна комисија вчера ги повика претседателите на политичките партии кои ги предводат коалициите учесници на изборите, како и лидерите на партиите кои самостојно настапуваат со свое лично присуство и потпис да ја реафирмираат заложбата за фер и демократски избори.
На потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори поканети да присуствуваат се и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Кампањата за изборите на 11 декември започнува утре и ќе трае до 9 декември на полноќ. Ќе учествуваат 11 политички субјекти - пет коалиции и шест партии.
Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ), a редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок“ предводена од Демократски сојуз, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11-та политичката партија Левица.
Право на глас имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа