Хан задоволен од средбите - еврокомесарот се огласи на Твитер
Комесарот за преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан кој денеска престојува во Скопје, претпладнево се сретна со премиерот Емил Димитриев, со лидерите на ДПА и ДУИ Мендух Тачи и Али Ахмети, а попладне ќе разговара и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев.
Еврокомесарот Хан по средбите не даде изјави, но на Твитер напиша дека со Ахмети и со Тачи имал добри и успешни средби и оти разговарале за условите за одржување кредибилни зибори и за меѓуетничките односи.
Лидерот на ДУИ Ахмети по средбата со еврокомесарот Хан рече дека се согласиле оти постигнатите договори треба да се почитуваат од сите и дека тоа е клучно за одржување фер и демократски избори.
Изјава за медиумите по средбата со Хан даде и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Информира дека разговарале за изборите закажани на 11 декември и дали се исполнети условите за нивно одржување.
- Мојот став е дека дел од условите за изборите се исполнети. Но, кога ќе се објават официјалните резултати, ако има еден факт што потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги повториле работите од минатите избори, ние ќе ги прогласиме за невалидни и нема да ги признаеме, изјави Тачи.
Хан имаше средба и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа по состанокот кусо рече дека разговарале за работата на СЈО, без да даде повеќе детали. Негира дека на средбата станало збор и за евентуално формирање специјално судско одделение. За средбата со Јанева Хан на Твитер објави дека го брифирала за работата на СЈО и оти функционирањето на оваа институција е важно за натамошното зацврстување на владеењето на правото.
Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, претходно се сретна и со претставници на граѓанското општество.
Детали за денешните разговори во Скопје, како што е најавено, ервокомесарот Хан ќе соопшти на прес-конференција закажана во 14 часот во ЕУ Инфо центарот.
Целта на посетата, како што соопштија од Европската комисија, е „да се направи преглед на политичките случувања и да се дискутира за патот напред, особено во однос на организирањето на предвремените парламентарни избори во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“.
Вчера, еврокомесарот Хан испрати порака дека е „важно условите за одржување на веродостојни избори да бидат исполнети“.
- Договорот постигнат минатото лето од страна на сите главни политички партии и поставување на датумот на изборите за овој декември е добар чекор. Сепак, ова е само почеток: важно е условите на веродостојни избори да се целосно исполнети и граѓаните да можат слободно да учествуваат на нив, вели комесарот Хан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа