Пишев: Нови примери дека Струмица плаќала 100 проценти поскап превоз од Битола
Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Васил Пишев денеска на прес-конференција изнесе нови примери, од кои, според него, „се гледа дека општина Струмица плаќала стопроценти поскап превоз од Битола“.
-За релацијата Чанаклија- Гечерлија-Сарај-Струмица што е во должина од 14 километри, Општина Струмица плаќала 120 денари, додека Општина Битола за исто толкава раздалеченост на местата Битола- Добромири плаќа 66 денари, што е скоро 100 проценти, односно двапати повтина цена. За релацијата Вељуса-Водоча-Баница-Струмица што е некаде околу 9,8 километри Општина Струмица плаќа по 70,5 денари по ученик, а Општина Битола за релација со слична должина Битола-Брусник плаќа по 39 денари, или скоро двапати поевтино, рече Пишев.
Тој додаде дека „Тритерол“ ДООЕЛ Струмица, сопственост на, според него, функционерот на СДСМ Лефтер Андонов, ја добила и релацијата Старо Коњарево - Дражево - Смолари - Ново Коњарево - Самоилово-Струмица за цена од 133 денари по ученик што било за 39 денари повеќе од цената што ја плаќала Битола за релација со приближно иста должина Битола-Бучим од 94 денари.
- Најеклатантен пример за разграбување на граѓаните- за релација Струмица- Чанаклија-Гечерлија-Сарај-Просениково што е во должина од 24 километри, Општина Струмица плаќа дури по 160 денари по ученик, а за исто толку долга релација од Битола до Иванчевци, Општина Битола плаќа само 49 денари или триипол пати помалку од Општина Струмица и Зоран Заев, рече Пишев.
Побара, СЈО да престане со, како што наведе, „политичкиот прогон на Владимир Талевски“ и да се позанимава со „аферата за двојно преплатен превоз на Зоран Заев во Струмица“. Истовремено, побара и обвинителството и другите надлежни институции да испитаат зошто Струмица плаќала, според него, 100 проценти поскап превоз од Битола.
-Да се направи точна проценка на штетата и да се санкционираат сторителите на овој скандал кој отвора сомненија за тежок криминал, додаде Пишев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа