Утре продолжува собраниската расправа за импичмент на Иванов

 

Собранието на Република Македонија утре напладне ќе ја продолжи расправата за Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов, поднесен од пратениците од опозицијата, најави претседателот на Парламентот Трајко Вељановски по денешната дебата за импичментот.

Во тек на попладневниот дел од дебатата, што се одвива четврти ден, пратениците ги повторија ставовите во врска со одговорноста на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција и за подоцнежното повлекување. 

Според Јован Митрески од СДСМ, Иванов свесно ги прекршил Уставот и законите и ги нарушил интересите на државата.

 - Со покренување на оваа постапка Собранието и ние како пратеници сме на тест дали ќе го заштиме Уставот од противправните одлуки на Иванов  или не и дали ќе ги вратиме принципите на одговорност, правда и еднаквост  или не. Деновиве ќе бидеме на тест и пред домашната и пред меѓународната јавност со тоа што ќе докажеме дали некој во државава е над Уставот и законите или не, рече Митрески. 

Недоаѓањето на Иванов во Собранието, посочи, значи дека тоа што го направил е чист партиски интерес на ВМРО-ДПМНЕ.

Сашо Чингоски од ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи, рече дека одлуката на претседателот е апсолутно правно издржана, за што, нагласи, има поткрепа во одлука на Уставниот суд. 

Коментирајќи го ставот на Митровски дека Иванов со одлуката ги нарушил интерсите на РМ Чингоски упати прашање за, како што рече, важење двојни стандарди. 

- Дали со одлуката на вашиот претседател за употреба на кратенката ПЈРМ не беа нарушени државните  интерси на РМ, дали со еднострата промена на знамето од ваша страна не беа нарушени интересите на РМ и дали за вас важат  двојни стандарди?. Имено, со аболицијата на Заев  може, додека ако помилува  претседателот Иванов не важи, рече Чингоски.   

Јагода Шехпаска од СДСМ оцени дека Иванов „испратил лоша порака кон граѓаните и кон меѓународната заедница, ги прекршил законите затоа што аболирал лица за кои не била покрената кривична постапка и ја опструирал работата на СЈО“.

Одлуката за општо помилување на политичарите, рече Шехпаска, охрабрува такво однесување на идните политички елити. Опфатот на толку голем број аболирани лица, забалежа, навлегол во ингеренциите на законодавниот дом. Пред законите и Уставот, посочи Шехпаска, сите треба да бидеме еднакви.

Во реплика Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто ако се сите еднакви за 16 километри превоз во Битола се плаќа 53 денари, а во Струмица 118 денари. Тоа е двојно повеќе, каква е таа еднаквост на фирми, ученици?, праша Димовски.

Специјалното јавно обвинителство, додаде, треба да почне истрага за превозот на ученици во Струмица затоа што ако нашле проблем за превозот во Битола во Струмица е трипати поголем проблемот. 

Олга Најденовска од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека не се издржани тврдењата  дека е прекршен Уставот и законите и побара да не се доведува во прашање ликот и делото на претседателот и да се почитува таа институција.

 
 
20.06.2016 - 18:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега