Македонските и косовските бизнисмени едногласно бараат укинување на пречките во трговската размена

 

Владите да бидат доследни во имплементацијата на ЦЕФТА договорот, да престане воведувањето протекционистички тарифни и нетарифни мерки надвор од дефинираните процедури зашто  тоа го запира слободното движење на стоките, предизвикува загуби и создава нестабилен трговски амбиент, бараат стопанствениците од Македонија и Косово.

Ваквата пракса, како што истакнаа по денешниот работен состанок во Приштина, испраќа порака до странските инвеститори дека отсуствуваат правна сигурност и одржливо бизнис опкружување.

За унапредување на соработката меѓу двете земји, децидни се бизнис заедниците, неоходно е што поскоро потпишување договор за заштита и поттикнување на инвестициите, поедноставување на царинските постапки преку вршење заеднички контроли и модернизирање на инфраструктурата за побрз проток на стоки. Клучна е и изградбата на автопатот кој треба да ги поврзе Приштина и Скопје. Оваа иницијатива на косовската Влада, нагласија, треба да биде поддржана и од македонската.

Во оваа насока, стопанските комори на Косово и Македонија потпишаа Меморандум за соработка и за размена на свои претставници чија задача ќе биде да ги детектираат актуелните проблеми на бизнисот и да алартмираат до надлежните институции за нивно решавање.

-Економската соработка да ги елиминира бариерите од секаков вид, да се надминат сите предизвици, да се подобри комуникацијата, тоа ќе биде нашиот фокус. Веќе сме во 21-от век, век на економијата, на парите. Не смееме да дозволиме да изгубиме ниту време, ниту пари, нагласи претседателот на Стопанската комора на Косово Сафет Герџалиу.

Според него, стопанствениците од Македонија и Косово преку интензивирање на соработката треба да го подобрат партнерството во регионот, но и имиџот на своите држави.

-Иако сме мали, ќе работиме на поромоција и на создавање подобра слика за Западен Балкан, порача Герџалиу.

Извршната директорка на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиева подвлече дека во изминатите неколку месеци евидентирано е намалување на досегашниот пад во размената.

- Веќе се очигледни резултатите од Договорот за соработка меѓу коморите потпиешан во мај годинава. Забавен е падот на размената. Во 2013 година вкупната размена беше 306 милиони долари што беше 37 отсто пад во однос на 2012-та, додека во седумте месеци од 2014-та намалувањето е само 13,7 проценти. Извозот лани бил 41,9 отсто помал од 2012-та, а од јануари до јули годинава е намален за 17 проценти, посочи Георгеивска.

Претставниците на коморите, додаде, најпрво ќе делуваат во најкритичните сектори, земјоделско-прехранбениот и металургискиот.

Стопанствениците од Македонија и Косово на денешната средба се согласија дека дел од соработката треба да биде и користењето средства од ЕУ фондовите преку креирање заеднички проекти посебно во делот на транспортната и енергетската инфраструктура, заштитата на животната средина и туризмот, како и потпишување договори за фитоисанитарна заштита, безбедност на храната и ветеринарството.

Во периодот јануари-јули годинава вкупната размена меѓу Македонија и Косово е 153 милиони долари или 13,5 отсто помалку од истиот период лани. Извозот изнесува 131,7 милиони што е намалување за 17,6 отсто, а увозот 21,2 милиона и е зголемен за 24,9 проценти.

Косово моментно е наш 10-ти трговски партнер, а лани бил на деветото место.

Во извозот најзастапени се нафтените масла, валаните производи од железо, нафтен кокс, лекови, цигари, пекарски производи,…., додека во увозот водата, кондитроските производи, свежото овошје и зеленчук, брашното, отпадоците од легиран челик, акумулаторите.

Коморите ги назначија Сенад Мурати од косовска и Васко Ристовски од македонска страна за остварување директна комуникација.

10.09.2014 - 13:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега