Француски филм за абортус ја освои главната награда на фестивалот во Венеција
Happening (L’Événement) во режија на Одри Диван, француска драма за илегални абортуси во шеесеттите години на минатиот век, ја доби наградата „Златен лав“ за најдобар филм на фестивалот во Венеција.
Гледачите во Лидо беа воодушевени од сторијата за млада жена која очајно се труди да организира прекин на бременоста за да продолжи со студиите, во време кога таквиот зафат може да значи затворска казна или смрт.
„Филмот е сместен во Франција во 1963 година, но неговата централна тема е актуелна денес исто како и тогаш,“ рече видно трогнатата Диван пред публиката, алудирајќи на вжештената дебата за абортус во САД по новите ограничувања во Тексас.
Имено, во Тексас беа воведени нови контроверзни закони со кои се забранува абортус по шестата недела.
„Овој филм го снимав со бес, со желба, со мојот стомак, мојата утроба, срцето и главата“, рече Диван при прифаќањето на наградата.
Церемонијата на доделување награди го заврши 11-дневниот филмски маратон во Лидо ди Венеција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа