СДСМ: Владата да ги потпише колективните договори и да ги зголеми платите
СДСМ го разбира револтот на работниците во јавниот сектор и ги поддржува нивните барања за покачување на платите кои се целосно оправдани. Владата има обврска да обезбеди услови за потпишување на колективните договори и зголемување на платите. Платите стагнираат, куповната моќ на работнците се намалува, а политиките на Владата на Мицкоски се сведуваат на служење на тесни бизнис интереси на елитата, велат од СДСМ.
„Во изминатите седум месеци, минималната плата остана непроменета, додека просечната плата стагнира. Системот за зголемување на платите, воспоставен од СДСМ, беше целосно напуштен од актуелната власт, што резултираше со влошување на животниот стандард на работниците. Последните податоци од Државниот завод за статистика потврдуваат тежок економски контекст во кој се наоѓаат работниците. Во декември 2024 година, трошоците за живот пораснаа за 4,4%, цените на основните производи се зголемија за 4,3%. Ова значи дека месечните плати не се доволни ниту за основните потреби. Дополнително спорно е тоа што вработените во дел од јавниот сектор и министерствата се дискриминирани во однос на нивните колеги во други институции како Министерството за финансии, Службата за општи и заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат во Владата, кои добиле покачувања на платите“, посочуваат од партијата.
СДСМ, како што велат се на страна на работниците и бараат од Владата итно да преземе чекори за зголемување на платите како и да обезбеди целосна рамноправност меѓу вработените во јавниот сектор.
„Потпишувањето на колективните договори, согласно барањата на работниците, мора да биде приоритет. СДСМ и во изминатиот период, но и како власт, покажа дека ги разбира потребите и докажа што значи вистинска грижа за стандардот на работниците. Со низа на мерки и политики кои успешно ги реализиравме платите системски се покачуваа во сите сектори, трудот на работниците се ценеше и почитуваше. За период од 7 години СДСМ ја зголеми минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари. И како опозиција СДСМ предлагаше амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, за покачување на минималната плата, но власта тоа го одби. Работниците заслужуваат власт која ќе го слуша нивниот глас, која ќе се грижи за нивните потреби и која ќе ги штити нивните интереси а не интересите на елитата“, завршуваат од СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа