Пленковиќ до Вучиќ: Бараj проблеми на друго место

 


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот во Брисел изјави дека разбира оти во Србија се обидуваат да ги бараат проблемите на друго место, но дека не се во меморандумот за соработка во областа на одбраната, кој го потпишаа Хрватска, Косово и Албанија.

„Тоа е меморандум за заедничка соработка, нема непријателски карактер, затоа разбирам дека сега треба да ги бараме проблемите на друго место, но во овој текст ги нема“, рече Пленковиќ запрашан да ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ во средата изјави дека ова е кршење на т.н субрегионалниот договор за контрола на оружјето од 1996 година и дека е речиси сигурно дека НАТО не бил информиран за тоа. Пленковиќ додаде дека овој меморандум ги помага напорите на Косово и Албанија во нивните реформи и размена на искуства.

Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за зајакнување на одбранбената соработка, по што Србија најави дека ќе побара итно објаснување од министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија во врска со потпишаниот документ.

„Тие отворија трка во вооружување во нашиот регион, тоа е тешка ситуација за нас, но ја разбравме нивната порака. Ќе ја спасиме нашата земја, ќе ги одвраќаме и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од ваков моќен“, им рече Вучиќ на српските новинари по разговорите во НАТО со генералниот секретар Марко Руте.

20.03.2025 - 21:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега