Од утре во ЕУ стапува на сила голема промена во однос на полначите

 

Од сабота, 28 декември 2024 година сите мали и средни преносни електронски уреди што се продаваат во ЕУ мора да бидат компатибилни со USB-C порти за да се намали отпадот, пренесува Еуроњуз.

Од утре, на потрошувачите од ЕУ повеќе нема да им требаат различни полначи за нивните паметни телефони, таблети, камери, слушалки, конзоли за видео игри и други уреди, бидејќи портите за полнење USB од типот C ќе станат стандард за мобилни уреди низ Унијата.

Во 2022 година, Европскиот парламент и земјите-членки одлучија со огромно мнозинство да ги укинат алтернативните методи за полнење, што значи дека сите мали и средни преносливи електронски уреди што се продаваат во ЕУ мора да бидат компатибилни со USB-C портите.

Според правилата на ЕУ, потрошувачите исто така можат да се откажат од добивање на нов полнач со секој купен уред. Производителите на преносни компјутери ќе мора да ги следат истите правила од 28 април 2026 година.

Ана Кавацини, претседател на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент, рече дека ова претставува „решителен чекор кон удобноста на потрошувачите и одговорноста за животната средина“.

„Овие правила се однесуваат на справување со тоните отпад создадени од фрлените полначи секоја година и заштеда на околу 250 милиони евра за домаќинствата во ЕУ со елиминирање на непотребните купувања на полначи секоја година“, додаде Кавацини.

Парламентот, исто така, најави дека „внимателно ќе следи“ како производителите се прилагодуваат на овие промени. Производителите на електронски уреди долго време се спротивставуваат на напорите на ЕУ за стандардизирање на технологиите за полнење.

Одлуката ќе влијае на сите продавачи, особено на Apple, кој првично ги оспори правилата, наведувајќи ја загриженоста за иновациите. Сепак, овој технолошки гигант почна да се прилагодува на директивата и се префрли на USB-C за своите уреди.

27.12.2024 - 20:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега