Македонија2025: Обука за идни лидери во бизнисот и претприемништвото
Седумнаесеттото издание на ЛИДЕР Проектот, едукативна програма за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија, стартуваше денеска. Обуката се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада.
Млади професионалци од цела Македонија ќе имаат можност да учествуваат во интензивната двонеделна обука, креирана според МБА програмите на „Ајви“, и прилагодена да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, но и идните менаџери во корпоративниот сектор.
Програмата вклучува теми од областа на стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производ, подготовка на бизнис план и лидерство. Работата е базирана на студии на случај, симулации и практични вежби, а учесниците ќе добијат и индивидуални менторски сесии од инструкторите од Канада.
- ЛИДЕР Проектот е потврда за нашата силна заложба да изградиме генерација млади лидери кои ќе придонесат за економскиот развој и иновациите во Македонија. Веруваме дека вложувањето во знаење, претприемнички дух и лидерски вештини е основа за посилна и поконкурентна нација,“ изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.
Како што информираат од Македонија2025, програмата и оваа година е збогатена со гостински предавања од македонски бизнис-лидери, кои ќе споделат практични искуства и ќе дискутираат за предизвиците и можностите во локалниот и глобалниот бизнис екосистем. На крајот на обуката, учесниците ќе презентираат сопствена бизнис идеја пред комисија составена од претставници на бизнис заедницата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа