Додик осуден на една година затвор за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ
Една година затвор за претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Тој денеска беше прогласен за виновен за непочитување и неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит. Додик доби и шестмесечна забрана за вршење политички функции.
Тој и неговите адвокати не присуствуваа на изрекувањето на пресудата, велејќи дека не сакаат да учествуваат во понижувањето на правото. Второобвинетиот Младен Лукиќ, в. д. директорот на Службениот весник, е ослободен од обвинението.
Денешните пресуди за Додик се првостепени, па тој ќе има право на жалба.
Додик и Лукиќ беа обвинети дека во 2023 ја спровеле одлуката на Народното собрание на Република Српска одлуките на Шмит да не се објавуваат во Службениот весник. Шмит го поништи тој закон, но Додик сепак го потпиша, а Лукиќ го објави, што Шмит го окарактеризираше како кривично дело. Додик се соочуваше со затворска казна во висина од шест месеци до пет години.
„Пресудата би можела да ѝ зададе смртоносен удар на Босна и Херцеговина“, кажа Додик минатата недела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа