Ѓорѓиевски: Здружени во акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата

 

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска организираше форум „Здружени“ во рамки на кампањата 16 дена активизам: #НемаОправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата. Форумот е организиран со поддршка на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women. На форумот се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, како и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, пратеничката Лидија Петкоска, која е воедно и член на Комисија за еднакви можности во Собранието, членови на Лоби групата за родова еднаквост на ЗЕЛС, како и координаторите и претставниците од комисиите за еднакви можности и лицата одговорни за социјална заштита од општините.

Повикувајќи се на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, Претседателот на ЗЕЛС експлицитно повика на вклучување и на локалната, но и централната власт во креирањето на сеопфатните и координирани политики и обезбедување соодветни финансиски ресурси за нивна имплементација.

-Како претседател на ЗЕЛС, повикувам на акција и вклучување на општините во сеопфатни и координирани политики, како и буџетски алокации за имплементација на програмите, но и во превенцијата преку креирање на активности, како спроведување на кампањи за подигање на свеста за различните манифестации на сите форми на насилство коишто се опфатени со Конвенцијата, во соработка со националните институции за човекови права и телата за еднаквост, организациите на цивилното општество и невладините, а особено женските невладини организации. Понатаму треба да делуваме и преку собирање податоци и истражувања за обемот на сите форми на насилство врз жените кои се опфатени со Конвенцијата на локално ниво, но и вклучување на локалните власти во обезбедување на заштита и на жртвите преку воспоставување и поддршка на специјализираните услуги за жртвите на насилство.
За среќа, во овој дел на специјализирани услуги на жртви на насилство имаме добри примери во општините, а тие треба да бидат и поттик на останатите локални самоуправи да ги следат нивните примери, но и да добијат поддршка од централните власти со соодветна финансиска поддршка или продолжување на процесот на децентрализација со фокус на социјалните услуги во кои се вбројуваат и овие специјализирани услуги.
Како градоначалник на Општина Кисела Вода, сум горд што веќе реализираме активности што даваат реални резултати. За жртвите на семејно насилство, заедно со здружението „Крик“, овозможивме бесплатна психолошка и семејна поддршка – проект кој успешно се спроведува од минатата година.
Во нашите основни училишта организираме едукативни програми за подигање на свеста против насилството. Во јавните детски градинки се одржуваат работилници за свесно родителство и за промоција на ненасилничка комуникација. Дополнително, жртвите на семејно насилство ги поддржуваме со социјални пакети, обезбедувајќи не само моментална помош, туку и надеж за нов почеток.
Посебно сакам да го издвојам проектот “Кисела Вода – адреса за заеднички дом”. Овој проект за ослободување на младите брачни двојки од плаќање на комуналии за изградба на куќа, во себе носи и еден услов- а тој и двајцата брачни другари да бидат инвеститори, односно и на имотниот лист да стојат имињата и на двајцата сопружници. Со ова даваме значаен придонес кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот.
И овие проекти се само почеток, но се пример дека локалната власт може и мора да биде дел од решението. Апелирам до сите општини – преземете мерки! Секој чекор е важен, секоја иницијатива може да спаси живот-истакна Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање.

05.12.2024 - 20:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега