СДСМ: Братучедот на Заев немал одлучувачко влијание во АДГ Пелагонија

 

Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку блиските медиуми, повторно да се обидат да докажат некаква незаконитост во работењето на фирмите на семејството Заеви и во  доделувањето тендери во Општина Струмица.

Порталот Нетпрес објавува дека Трајче Заев, првиот братучед на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, како малцински акционер кој поседува само 12 отсто акции во АДГ Пелагонија, имал одлучувачко влијание како и на кој начин фирмата стопанисува, конкурира и добива или не добива тендери.

По која логика акционери со вака мал удел во вкупната сопственост можат да имаат одлучувачко влијание во работењето на фирмата?

Штабската операција на ВМРО-ДПМНЕ преку Нетрпес и останатите медиуми што ги контролира, е неуспешен обид да се одвлече вниманието од клучните прашања во фокусот на интерес на македонската јавноста.

А тоа се:

-Како првиот братучед на премиерот Никола Груевски, директорот на УБК, Сашо Мијалков си играл “весела математика“ и колку нули додал или одземал во износите на вредноста на неговиот имот што го пријавил во Анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата? Тој технички ја згрешил разликата во вредноста на имотот, од засега потврдените и признаени од негова страна, 700-тини илјади евра.

-Како тоа Сашо Мијалков не пријавил “ситница“ дека купил цела една фирма во Чешка?

-Зошто државниот орган, Антикорупциската комисија, му служи како алиби и се става во улога на заштитник на Сашо Мијалков во несовпаѓањето на неговата пријавена и вистинска имотна состојба?

-Зошто официјалната интернет страница на МВР, Сашо Мијалков ја користи како сопствен информативен билтен и преку него одговара на поставени прашања што се однесуваат на неговата лична имотна состојба?

 

Ова се само дел од прашањата за кои од Никола Груевски и Сашо Мијалков јавноста очекува одговор. 

(Итегрален текст од писмена реакција на СДСМ на пренесен текст од Нетпрес)

08.11.2013 - 15:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега