„Бев под дејство на дрога“: Обвинетиот за убиството кај Мавровка призна вина и се кае
Обвинетиот Елвин Куртовиќ кој го уби скопскиот бизнисмен 59-годишниот Васил Ефтимов на 20 август минатата година призна вина на денешното судење пренесува Телма. Тој издржувал казна затвор, но бил пуштен на викенд и не се вратил во „Идризово“ во дадениот рок изрази жалење за стореното и кажа пред судот дека неколку дена бил под дејство на кокаин.
„Воопшто не се чувствувам добро емотивно, но и психички. Многу се кајам за кривичното дело. Не сакав да го убијам човекот. Се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку денови, навистина. Пред тоа лежев за некакви ситни дела во споредба со ова што сега одговарам. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам“, изјави Елвин Куртовиќ.
Куртовиќ не призна вина за другите две дела „нелегално поседување на оружје“ и „обид за убиство“ на полицајците кои беа во потрага по него на критичниот ден.
Неговата адвокатка Софија Лаличиќ побара најблага можна санкција, бидејќи нејзиниот клиент поради конзумирањето дрога не можел да расудува правилно и да го сфати значењето на своите постапки. Воедно, според неа, и државата потфрлила, најпрво што не успеала ресоцијализацијата на Куртовиќ, а потоа што останал на слобода.
„Зошто го кажувам сето ова, за да ја поделам вината за стореното кривично дело на обвинетиот со државата. Точно тој убил човек. Но, барам еднаш да бидеме одговорни и да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава многу кривични дела се случуваат затоа што наделжни институции не си ја завршуваат соодветно својата работа“, рече Софија Лаличиќ, адвокатка на Куртовиќ.
Обвинителството очекува најстрога и адекватна казна во крелација со фактот дека обвинетиот е веќе осудено лице. Во четврток ќе биде изречена пресудата. Минималната казна е 10 години, а максималната доживотен затвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа