Паркинг мафија на државни земјишта во Скопје - си поставил рампа до цветниот пазар на Бит Пазар и наплаќал за паркирање

 


Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Узурпација на недвижности од член 225 од Кривичниот законик.

Во конкретниот случај станува збор за узурпација на земјиште од 11 катастарски парцели во сопственост на државата, лоцирано до цветниот пазар кај Здравствен дом Скопје – Поликлиника Битпазар, а кое согласно Деталниот урбанистички план „Саат кула“ во Општина Чаир било наменето за изградба на катна гаража и било предвидено за продажба со јавно наддавање. Меѓутоа, од 24.08.2023 година обвинетиот го користел земјиштето како импровизиран паркинг простор. Тој поставил рампа и пункт за наплата на паркинг, ангажирал еден вработен да врши наплата за користење на паркинг место и на корисниците во име и за сметка на правното лице им издавал сметки, ограничувајќи и контролирајќи го влезот и излезот до земјиштето.

Јавниот обвинител предложи спрема обвинетиот да биде определена и мерка на претпазливост – забрана да презема работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана да го користи земјиштето.

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријавите за дивите паркинзи во Општина Чаир, и во текот на вчерашниот ден поднесе обвинение против друго физичко и правно лице кои исто така подолг период узурпирале земјиште за таа намена во близина на Поликлиниката Битпазар.

05.12.2024 - 10:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега