ФОТО: Младата Стефанија една од жртвите во пожарот - "Танцувај горе а ние ќе плачеме"
Трагедијата во Кочани во која во дискотеката "Пулс" изгореа 59 лица, а над 160 се повредени, од кои некои се борат за живот, ја потресе македонската јавност, но и Балканот и светот. Студентката по медицина и член на Црвениот Крст во Кочани, Стефанија Соколовa, за жал е меѓу младите човечки животи кои згаснаа во незапаметената трагедија.
Помеѓу стотиците објави на социјалните мрежи во потрага по исчезнати млади момчиња и девојки имаше потрага и за Стефанија, која за жал загинала кобната ноќ во дискотеката каде настапуваа ДНК.
-Со најтешко срце ја споделуваме погубната вест за смртта на нашата единствена Стефанија Алексова. Стефанија, блескава и сакана студентка во втора година од Кочани, Северна Македонија, трагично ни беше одземена во пожар што избувна во ноќен клуб во нејзиниот град. Оваа незамислива загуба нè остави во длабока тага, а нашите мисли се со нејзиното семејство, пријателите и сите кои ја познаваа и сакаа, се вели во соопштението на Универзитетот.
- „Девојко наша, гледај нè одозгора. Помагај им на сите, исто како што правеше овде. Лекувај ги сите со рацете, но и со душата. Тоа е она што го правеше најдобро. Облечи ја твојата носија и танцувај, а ние ќе плачеме, не замерувај ни. Засекогаш ќе сме тажни по тебе“, стои во еден последен поздрав од пријател на социјалните мрежи.
– Со голема болка и тага ја примивме веста за загубата на срцето и душата на Ансамблот. Стефанија, Цеце, беше член, соработник и тутор на Ансамблот, која принципиелно ја извршуваше својата должност. Научи многу деца и возрасни како да го сакаат и живеат фолклорот. Ќе те паметиме засекогаш. Сочувство до семејството, се вели во соопштението на АТМИ „Митко Алексов“ Кочани.
Пожарот кој настана во дискотеката "Пулс" во Кочани, каде загинаа 59 лица, додека повеќе од 150 се повредени, ја зави во црно цела македонската, балканска и светска јавност. Во нашата држава е прогласена седумдневна жалост.
Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали.
Според последните информации, Основното јавно обвинителство Кочани предложи определување мерка краткотраен притвор за 16 лица. Предлозите се прифатени и мерката е определена за сите 16. Од нив неколку се спроведени во Шутка во Скопје, останатите во Куманово. Краткотраен притвор од 48 часа издржуваат и Крешник Бектеши, како и поранешниот прв човек на Пазарна, Штраус.
Во страшниот пожар загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Дел се лекуваат на скопските Клиники, а дел во регионот.
За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа