Сајкоски: Интерпелациите се клучни за владеење на правото, не судиме на судството, туку бараме одговорност
Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите и со овие поднесени интерпелации ние почитувани, не му судиме на судството. Со овие поднесени интерпелации ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, оние коишто требало да носат правда и коишто треба да воспостават она што требаше да биде судска власт, вели Ѓорѓија Сајкоски, пратеникот во македонското Собрание од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Сајкоски, во рамките на оваа парламентарна седница наменета за интерпелациите на пет членови на Судскиот совет, најпрво ја истакна исклучителната важност на ова прашање кое го засегнува целото општество.
„Тие наместо тоа да го направат, направија девастирано судство, го повлекоа и обвинителството во тоа и направија недоверба каква што не се памети во ниту една држава во светот. Затоа ние денес со овие интерпелации укажуваме дека одговорноста е во оние коишто со своите надлежности, Судскиот совет треба да донесе квалитетни судии, но треба да ги разреши и судиите коишто не ги исполниле очекувањата“, концизен е Сајкоски говорејќи за членовите чии интерпелации се предмет на оваа расправа.
Тој појаснува дека во македонското судство покрај чесните и квалитетни судии, има и такви кои се корумпирани и го загрозувале судството во изминатите години. При тоа, Судскиот совет токму со своето непостапување ги помогнал овие криминални структури од кои дел веќе самите ја признаа вината поднесувајќи оставки.
„Една претседателка на Судскиот совет, истакна дека таа фактички не можела да се справи со бизнис-судската елита. Дали има поголем доказ од ова што го кажа оваа поранешна претседателка Црвенковска, за тоа во каква ситуација се наоѓал Судскиот совет и нашето судство?“, прецизира Сајкоски.
Според него, а во согласност со уставот, законите и меѓународните стандарди судството како темел на демократијата е независно, меѓутоа ваквата независност, истовремено не значи дека Судскиот совет не треба да има одговорност.
„Напротив овој орган треба да ја гарантира чесноста и професионалноста на судскиот систем, треба да биде најподложен на контрола и треба да биде отчетен. Оваа иницијатива не е водена од политички, партиски или лични интереси, ја поднесуваме затоа што работата на Судскиот совет изминативе години ги премина сите фази на достојно и прифатливо однесување“, истакнува Сајкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа