Спречен терористички напад на божиќен пазар во Германија

 


Германската полиција спречи потенцијален терористички напад на божиќен саем во Баварија, откако добила дојава од странска разузнавачка агенција за активностите на осомничениот маж на Интернет.

Според германски „Велт“, осомничениот, 37-годишен маж од Ирак, бил уапсен во средата вечерта во сместување за баратели на азил во градот Аугсбург. Портпаролот на баварската полиција денеска го потврди апсењето, пренесува „Политико“.

„Велт“ додава, повикувајќи се на неименувани извори, дека осомничениот споделувал објави на социјалните мрежи во кои ја велича таканаречената Исламска држава и го фотографирал божиќниот саем во Аугсбург.

Тој наводно рекол дека сакал да се вози низ божиќниот пазар, се вели во извештајот.

Германските власти биле информирани од странска разузнавачка агенција за активностите на осомничениот на Интернет. По апсењето тој е задржан во притвор каде го чека депортација.

Во 2016 година беше извршен терористички напад на божиќниот пазар во Берлин, кога човек кој се заколна на верност на Исламската држава влета со камион во толпата и уби 13 луѓе, потсетуваат медиумите.

Во 2018 година, екстремисти поврзани со Исламската држава извршија напад на божиќниот пазар во Стразбур, кога беа убиени пет лица.

06.12.2024 - 12:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега