Традиции и верувања за Нова Година

 

Многу сограѓани Новата година ќе ја пречекаат во домашна атмосфера со најблиските и пријателите, на плоштадите со музиката што ја сакаат, во рестораните, дискотеките и кафулињата, некои во туристичките места низ земјава, а други ќе станат дел од новогодишниот амбиент на големите метрополи.

За тие кои не се во можност да одат подалеку, кои се заситени од традиционални дочеци на Новата година или се уште немаат испланирано ништо, а се мераклии на ѓезме и добра дружба: стари, млади, од сите вери и нации, етузијасти, планинари, авантуристи, спортисти, љубители на природата, алпинисти, бајкери, боемџии, песнопојци, играорци…, ги очекува Водно и топлиот  Планинарски дом каде годинава се организира дочек на Новата 2016 година. Ако се решите за ова сосем поинакво новогодишно доживување, доволно е да понесете само 100 денари за влез и своја храна и пијалоци во кои ќе уживате заедно со живата свирка.

Но, каде и да се најдат во највеселата ноќ, сите искрено ќе подигнат здравица во името на среќата, здравјето и бериќетот и со тоа ќе го одбележат крајот на тековната и почетокот на идната година. Вака, на првиот ден од годината – 1 јануари, луѓето во светот ќе го означат почетокот на новиот календарски циклус и нумеричкото одбројување на уште една година.

Различни форми, иста суштина

Новата година ја слават сите култури во светот кои користат годишен календар само во различна форма. Инаку, самиот пречек на Новата година датира од пред 4.000 години, кога на првиот ден од новата година – „Акиту“ во Вавилон се организирале свечености.

За Римјаните Новата година почнувала од 1 април, денот кога стапувале на должност новоизбраните конзули. Но, во текот на 153 година пред Христа во Иберија (денешна Шпанија) избувнало големо востание против римската власт после кое на конзулите, кои воедно биле и команданти на армијата, им било наложено на своите места да стапат на должност порано, односно на 1 јануари. Овој преседан продолжува во традиција, а од 45 година пред нашата ера, со воведувањето на Јулијански календар, измената станува и конечна, иако не се заборава на 1 април. Тој како некогашна нова година и натаму се одбележува, но со сосем ново значење, како славење на шегата и смеата.

Во Египет во текот на 4241 година пред Христа, во Хелиополис е создаден најстариот календар, во кој годината е поделена на 12 месеци и има 365 дена. Во него новата година започнува во текот на месецот на разлевањето на реката Нил, односно во месец јули. Овој календар бил користен во Египет до воведувањето на Јулијанскиот во 26 година пред нашата ера.

Во 2700 година пред Христа, Кинезите составиле свој цикличен календар според кој новогодишните прослави, наречени “Празник на пролетта”, траат три дена и се слават во февруари. Само 3 000 година подоцна тие прифатиле дека годината има 365 и пол дена. Од 1949 година во Кина се користи Грегоријанскиот календар, но и сега во некои области се користи цикличниот календар.
Според древниот јапонски календар, пак, секоја година преминува во знакот на еден од 12-те хороскопски знаци: стаорец, бивол, тигар, зајак, змеј, змија, коњ, овца, мајмун, петел, куче и свиња. Новогодишниот празник трае од 30 декември до 3 јануари и се одбележува со 108 удари во камбаната.
Според индискиот календар од 1952 година новата година започнува на 22 март, а ако е годината престапна, на 21 март. Виетнамската Нова година се нарекува “празник Тет” и се слави според лунарниот календар.

Традиции и верувања

Во годините што се нижеле секој народ со векови ги создал и генерациски ги пренесувал новогодишните традиции и верувања. Се разликуваат многу, од крај до крај, од култура до култура, но сите имаат една обединувачка силна врска – вечната човечка надеж дека Новата година ќе биде поблагодетна и посреќна од старата.

Русите, на пример, ја поздравуваат новата година со отворање на вратата на својот дом по дванаесеттиот удар на часовникот што означува полноќ. Во поранешниот Советски Сојуз било прифатено да се разменуваат подароци, најчесто чоколади. Италијанците носат црвена долна облека, а на трпезата имаат свински бут и леќа, како знак на среќа и богатство во новата година. Новата година за Англичаните е ист ден како и секој друг и по традиција не ја пречекуваат новата година со бучни прослави, ниту пак канат гости. Шкотите за Нова година одат на гости дури кај луѓе кои не ги познаваат. Таму е обичај од дома да излегуваат облечени како чистачи на смет. Традиција на Шпанците е токму на полноќ да си разменуваат подароци, ама на улица. За Словенците, Нова година не е тоа ако нема крап на трпезата, а Унгарците не седнуваат да слават без лук со мед на масата. Португалците, пак, на полноќ јадат 12 зрна грозје и за секој месец од годината си помислуваат желба. Холанѓаните новата година ја дочекуваат со топли крофни со суво грозје. На 1 јануари Јапонците ја поздравуваат новата година со чаша ладна вода и додека отчукуваат 108-те удари во камбаната брзаат да се искачат на што повисоко, за да го поздрават Сонцето. Етиопјаните палат огромни огнови, околу кои играт и танцуваат. На новогодишната ноќ Гвинејците излегуваат на процесија, предводена од слонови, кои се симбол на сила и богатство. Кинезите пак новогодишната трпеза ја постилаат со нарциси.

Во Македонија Новата година се слави на 31 декември но, исто така, и на 14 јануари, според Православниот календар. Се одбележува во кругот на семејството, со пријателите, по рестораните, клубовите…Трпезата е традиционална со специјалитети од македонската кујна, а целата празничнаатмосфера ја збогатува декорот од новогодишни украси и задолжителната новогодишна елка под која се оставаат подароците на кои најмногу им се радуваат децата.

Интересно е што прославите на Нова година кај православните народи почнуваат да добиваат на значење по Втората Светска војна. Идејата била да се сузбие значењето кое голем број од христијанското население и го дававал на прославата на Божик и вниманието да се сврти кон Нова година како празник и со тоа помалку да се прославува религиски. Инаку, во христијанските средини први јануари е исто така познат како ден кога Исус Христос е обрежан. Црквената Нова година го слави 14 јануари како ден кога почнува литургискиот циклус.

МИА / Кети Мицковска

 
 
30.12.2015 - 11:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега