Голем интерес за „Купи куќа, купи стан“ во Охрид

 

Голем број охридски семејства и млади брачни парови кои го немаат решено своето станбено прашање покажаа интерес за втората презентацијата на проектот „Купи куќа, купи стан“ која се одржа вчера во Охрид. Станови на продажба преку проектот „Купи куќа купи стан“ во Охрид нуди и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, пишува порталот OhridNews.com.

-Имаме станови кои што се на располагање во Охрид и кои се вклопуваат во условите на овој проект. Она што сакам да го напоменам е дека ние како Акционерско друштво имавме објект во кој околу три години немаше интерес за купување на станови, но со овој проект за околу пет до шест месеци продадовме дваесетина станови. Во моментот имаме на располагање уште 22 стана коишто се со почетна цена е 599 евра по метар квадратен, вели директорот на Акционерското друштво Цветко Грозданов.

Проектот „Купи куќа, купи стан нуди неколку модели за купување на стан. Првиот модел е „половина рата“ каде што државата плаќа половина средства за ратата во првите пет години и вториот модел е „пола учество“ за кое државата плаќа 50% од учеството за купување стан. Доколку граѓанинот се одлучи за изградба или купување на куќа, тогаш државата плаќа 75% од ратата за првите пет години или дава 75% од учеството. Граѓаните, кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит, треба да ги исполнуваат следните услови: Вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра месечно или на брачните партнери најмногу до 1300 евра месечно; да немаат недвижен имот во нивна сопственост и да немаат подигнато друг станбен кредит.

 

 

 

Оцени ја веста

10.09.2015 - 09:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега