Моменти на ужас: Авион гори, патниците во паника
Патниците на летот за Обединетото Кралство доживеале вистинска драма кога од моторот на нивниот авион „Боинг 787-9 Дримлајнер“ на авиокомпанијата „Галф ер“ почнале да избиваат пламени. Инцидентот се случил еден час по полетувањето од Бахреин, а авионот принудно слетал на меѓународниот аеродром во Кувајт.
Снимен е моментот кога преплашените патници гледаат како пламенот избива од моторот на нивниот авион. Видеото покажува портокалови пламени на ноќното небо на левата страна на „Боингот“ по околу еден час лет.
Како што пишува „Дејли мејл“, брзата реакција на екипажот и успешното итно слетување спречиле потенцијална трагедија.
Патниците минале повеќе од 14 часа на аеродромот, наводно без никаква помош.
„Немаше помош за нас. Персоналот на аеродромот беше груб, а авиокомпанијата не направи ништо. Оставени сме да чекаме во странска земја без никакви информации што ќе се случи“, изјави еден од патниците.
Локалните медиуми објавија за наводна дискриминација на патниците, каде што само на државјаните на ЕУ, Британците и САД им било дадено сместување.
Индиската амбасада во Кувајт интервенираше кај аеродромските власти и претставници на авиокомпаниите, обезбедувајќи привремено сместување за постарите патници и оние со мали деца.
„’Галф ер’ потврдува дека летот GF005, кој сообраќаше од Меѓународниот аеродром Бахреин (BAH) до аеродромот во Манчестер (MAN) на 1 декември 2024 година, беше пренасочен кон Меѓународниот аеродром во Кувајт (KWI) поради технички проблем. Беше договорен алтернативен авион за патниците да го продолжат патувањето до Манчестер. Уредено е и привремено сместување за патниците погодени од пренасочувањето. ‘Галф ер’ се извинува за непријатностите предизвикани од оваа неочекувана промена и го цени разбирањето и трпението на нашите патници и нивните семејства. Безбедноста на оние кои патуваат со нас останува наш највисок приоритет“, соопштија од авиокомпанијата.
Авионот инволвиран во инцидентот е Боинг стар 6,5 години, регистриран како A9C-FB, со капацитет од 282 седишта, од кои 256 се во економска, а 26 во бизнис класа. Флотата на Галф ер се состои од 42 авиони, вклучувајќи ги и Ербас А320, А321 и Боинг 787 Дримлајнер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа