Литванија и Полска се поврзаа преку „портал“
Во рамки на светските случувања, глобалното запирање на патувањата и запознавање нови луѓе, градот Вилнус во Литванија претставил едно многу интересно решение - „портал“ до друг град во реално време.
Луѓето кои работеле на оваа нова креација навистина дале се од себе за да ја претворат својата идеја во уникатен дизајн кој изгледа како нешто од научно-фантастичен филм.
Овој град поставил кружна врата за порталот во близина на својата железничка станица, спојувајќи го со портал поставен во полскиот град Љублин, кој се наоѓа на околу 600 километри оддалеченост. И двата портали поседуваат големи екрани и камери кои емитуваат пренос во живо помеѓу двата града, налик дигитален мост. Судејќи по зборовите на креаторите, ваквиот портал треба да ги наведе луѓето повторно да размислат за поимот единство.
Кружниот дизајн е намерно креиран за да потсетува на тркало на времето и добро познатиот симбол од научно-фантастичните дела, а за негово остварување биле задолжени инженерите на центарот за креативност и иновации при Техничкиот универзитет „Vilnius Tech“.
За комплетирање на порталот помеѓу двата града биле потребни 5 години, а неговото претставување пред самиот крај на оваа мачна пандемија дојде во совршено време. Постојат планови во иднина да се додадат повеќе портали и во други градови ширум светот, додека целокупниот проект доаѓа во соработка на фондацијата „Benediktas Gylys“, градовите Вилнус и Љублин и Центарот за интеркултурални и креативни иницијативи „Crossroads“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа