Истрага: Кој произведува отровна зелка во Македонија
Во свежата зелка извезена од Македонија, за која беше наредено да се уништи во Хрватска, била откриена штетна хемикалија, која најверојатно била набавена на црн пазар и е забранета за употреба во Македонија, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
– За случајот за пратката со зелка на 17.01.2025 година АХВ (Агенцијата за храна и ветеринарство) доби известување дека е уништена на граничниот премин во Хрватска. Причина за уништување на пратката е присуство на резидуи од пестицидот со активна супстанца имидаклоприд (imadaclorprid). Тоа е системски инсектицид кој припаѓа на класата хемикалии наречени неоникотиноиди кои делуваат на централниот нервен систем на инсектите. Според информациите со кои располагаме, овој инсектицид не се користи веќе во Македонија, а истиот е изгледа набавен на црн пазар – велат од Министерството за земјоделие.
Оттаму додаваат и дека за овој случај се преземаат соодветни чекори, односно, дека Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) треба да го утврди извозникот и за која пратка станува збор.
– Кај извозникот на таа пратка, фитосанитарниот инспектор ќе спроведе инспекциски надзор со цел да се утврдат производителите од кои е откупена контаминираната зелка. ДИЗ ќе спроведе вонреден инспекциски надзор кај сите производители од кои потекнува зелката за да се утврди кој производител користел нерегистриран инсектицид. Кога ќе се утврди производителот, тогаш на истиот ќе му се изрече соодветна прекршочна мерка. За преземените мерки ДИЗ ќе ги информира Фитосанитарната управа и Агенцијата за храна и ветеринарство. Врз основа на информациите што ќе ги добие АХВ ќе информира – рекоа од Министерството.
Според европскиот систем за безбедност на храната, постојат сè повеќе докази дека употребата на имидаклоприд има разурнувачки ефект врз биодиверзитетот, особено на реките и водните патишта, влијаејќи не само на раковите, мекотелите и инсектите, туку и на почвените организми, што доведува и до намалување на популацијата на птици.
„Научните студии, засновани на тестови на животни, заклучија дека имидаклоприд делува како репродуктивно токсична материја и ендокрин нарушувач што може негативно да влијае на срцето, бубрезите, тироидната жлезда и мозокот и може да предизвика невролошки симптоми, вклучително и респираторна инсуфициенција и смрт. Токсичноста на имидаклоприд се зголемува со периодот на изложеност, како и со дозата, која е опишана како ‘временска кумулативна токсичност’ и тоа не треба да се разбере само од аспект на акутна смртност, туку треба да се земе предвид и хроничниот аспект“, се вели во одлуката на Европската комисија.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, велат оттаму, се залага за тоа во Македонија да се произведува здрава и безбедна храна според највисоките стандарди, а за секој кој нема да се придржува до процедурите ќе следува соодветна глоба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа