Грција: Разбиена организација за криумчарење мигранти, користеле пикапи и криеле луѓе во товарниот простор

 


Грчката полиција разби криминална организација која криумчела мигранти и преку копнената граница со Турција кај Еврос, во Грција нелегално внесувала лица кои биле скриени во отворениот товарен простор на пикап возила, а идентификувани се девет членови на мрежата, од кои пет се уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Истрагата ја воделе полицајци од Одделот за управување со миграција во Дирекцијата за странци во Солун во соработка со European Migrant Smuggling Center на Јуропол, при што произлегло дека криминалната организација ја сочинуваат тројца Грци и шестмина странски државјани на возраст од 29 до 72 години, од кои петмина се уапсени, двајца се наоѓаат во затвор во Грција, а по останатите двајца се трага.

Членовите на организацијата користеле возила од странство, главно од Бугарија со кои мигрантите се пренесувале од грчко-турската граница кај Еврос во внатрешноста на земјата.

Мигрантите биле криени во товарниот простор на пикап возила (4×4) што бил покриен со церада, а целиот процес ги ставал во опасност нивните животите, како што се гледа и од видеото и фотографиите што ги објави грчката полиција.

За време на повеќемесечната истрага, утврдено беше дека во рамки на активностите, организацијата извршила најмалку осум нелегални транспорти, а во секој од случаите во просек биле пренесувани од осум до 14 странски државјани, при што проценетата незаконска финансиска корист изнесува околу 500.000 евра, соопштија од грчката полиција.

Во рамките на истрагата биле извршени претреси во седум домови и еден магацин – работилница, при што биле откриени и одземени седум пик-ап возила (4×4), кои се користеле за транспорт на нелегалните мигранти; шест автомобили, а во домот на еден од уапсените членови биле пронајдени и конфискувани 1.570 кутии цигари и 1.079 пакувања со тутун.

27.03.2025 - 16:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега