Градоначалникот отишол да се прошета до Белград
Делегација на Општина Центар, предводена од градоначалникот Саша Богдановиќ, денеска престојува во посета на белградската Општина Стар Град.
Од Општина Центар информираат дека Богдановиќ, заедно со соработнците, оствариле средба со претседателот на Општината Стар Град, Радослав Марјановиќ, заменик претседателот на Општината, Александар Тодоровиќ и со претставници на општинските одделенија и членови на Советот.
На состанокот, Богдановиќ и Марјановиќ разговарале за обнова на соработката помеѓу двете централни општини од Северна Македонија и Србија, Стар Град и Центар, кои се збратимени од далечната 2001 година.
– Повелбата за соработка е потпишана уште во поранешна Југославија, а договорот за збратимување на општините е потпишан во 2001 година. Денеска отворивме доста теми и разменивме искуства во областите на културата, образованието, науката, архитектурата, но и во други области кои нас нѐ поврзуваат, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Како што соопштуваат од Општина Центар на средбата се дискутирало за заеднички посети на деца од основните училишта во двете општини, спортска соработка, особено помеѓу двата кошаркарски клубови, КК „Работнички“ и КК „Динамик“.
– Богдановиќ и Марјановиќ разговараа и за отворањето на културни центри во двете општини, за позитивните локални пракси, како и за комуналните и паркинг решенија и сервиси. На средбата, Богдановиќ до Марјановиќ ја изрази благодарноста на граѓаните на Општина Центар, но и на целата држава, за несебичниот ангажман, помош и поддршка што Србија им ја пружи на македонските граѓани во периодот на КОВИД 19 вакцинацијата и имунизацијата, стои во соопштението
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа