ФОТО: Во долненско Дупјачани првпат се гради црква со осветени темели „Христово Воскресение“

 

На 17-тина километри од Прилеп, во мултиетничката општина Долнени, непосредно пред Небрегово, родното село на Конески, е селото Дупјачани. Има 120-тина жители, има пат, вода и струја, ама нема осветена црква. Во денешно време необично, ама веста дека жителите за првпат, официјално градат црква го привлече вниманието. И чудењето. Каде се чуло и видело село без црква?

Средбата со жителите е токму на ридот, пред новата и прва црква со осветени темели. Се воздигнува „Христово Воскресение“. Во Прилепско има само една црква „Христово Воскресение“. Во Алинци. Оваа во Дупјачани е втора. Недоизградена. Чувството е поетско. Како „Градење црква“ на Конески. Од соседното Небрегово. 

Жителите се радосни, подготвени за Велигден. И за разговор. Неминовно, првото прашање до „кметот“ на селото (претседателот на месната заедница) Петре Димоски е зошто селото кое во околината има богати предисториски и антички локалитети, со 100-годишно опстојување под името Дупјачани, досега немало официјално осветена црква. 

- Во прилепскиот архив ги побаравме старите „тапии“. Оттаму ни рекоа дека црквата си го носи името – „Воскресение Христово“. И така, нашава црква си е - Велигден. Така ќе си остане. Тоа била селска слава. Оти, порано Горно Село и Дупјачани биле едно село. Но селската слава од Велигден, втор ден, се сменила кога почнале овде да се населуваат од Охридско. И, за да може да им доаѓаат гости, „ја зеле“ славата на Свети Илија, раскажува Димоски.

Темелите на црквата ги осветил владиката Петар, лани, на 16 јуни. Досега градбата е подигната. Жителите ги чека многу работа за уредување на олтарот, на целата внатрешност, а и на живописувањето.  

Жителите се дел сточари, уште повеќе тутунари. Имаат, велат, убав соживот во мултиетничката општина Долнени. Кога го барале местото за црквата, Општината експресно им помогнала. А стигнале и понудите за донации од муслиманското население.

- Долнени е со мултиетничко население. Многу убаво сите заедно живееме. И христијани и муслимани. За празникот ни доаѓаат дома. Ги почестуваме, чест ни прават. Ама и ние за нивните празници, за Бајрам, им одиме на гости. Имам големи пријатели меѓу нив. Дури и поголеми. Срцето ми е полно, зашто тие, меѓу првите, се нудат да дадат за изградба на црквата.  Кога седевме на заедничка маса и ја споменав изградбата на црквата, веднаш дадоа донација. Пријателите од Десово, од Лажани, од Канатларци. И од Општината, веднаш ни излегоа во пресрет за земјиштето кога сфатија дека ќе градиме црква, емотивно вели Петре Димоски.

Дупјачани зад себе ја има богатата повеќевековна историја. Од прилепскиот музеј објаснуваат дека наоколу има неколку локалитети. Дупјачани, а и Горно Село го зафаќаат северното подножје на Трескавец. Тие се во долниот дел од античката населба Колобаиса. На неколку локации во поширокиот простор има 10 гробници, издлабени во карпа. Единствен е локалитет кај нас  со голема концентрација на ваков тип гробници.

А жителите ги раскажуваат легендите, дека селото го добило името Дупјачани токму поради вдлабените гробници во карпа.

Сега живеат во радосно исчекување дека првпат ќе добијат осветена црква „Христово Воскресение“.

Велат – пречекот на најрадосниот празник – Велигден, ќе биде повеличествен. И подуховен.

19.04.2025 - 10:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега