Асад добил азил во Русија: Во Москва е со цело семејство
Поранешниот сириски претседател Башар ал Асад е во Москва и доби азил во Русија, изјави извор од Кремљ за руската државна новинска агенција „ТАСС“.
„Асад и членовите на неговото семејство пристигнаа во Москва. Русија им даде азил врз основа на хуманитарни причини“, рекол изворот на агенцијата.
„Москва смета дека е неопходно да се продолжат преговорите за решавање на ситуацијата во Сирија под покровителство на ОН. Лидерите на вооружената сириска опозиција ја гарантираа безбедноста на руските воени бази и дипломатски институции во Сирија“, пишува „ТАСС“.
Истата вест ја објави и друга руска државна новинска агенција „Риа Новости“, која исто така се повикува на извори од Кремљ.
„Сирискиот претседател Асад и членовите на неговото семејство пристигнаа во Москва. Русија им даде азил врз основа на хуманитарни причини“, рекол изворот на агенцијата.
Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека сирискиот претседател Башар ал Асад ја напуштил функцијата и земјата откако наредил мирно предавање на власта.
Во соопштението, министерството не соопшти каде е сега Асад.
Министерството истакна дека Русија не учествувала во дискусиите околу неговото заминување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа